Бројни реакции во јавноста предизвикаа најавите од страна на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски за инвестиции во енергетиката и тоа без да се менуваат закони и без да се прифатат обврски кои ќе ја доведат во прашање енергетската независност.
Иако не се обелоденуваат многу детали за т.н инвестициски бум, универзитетските професори кои ги консултираше „Локално“, велат дека за поздравување се сите најави за развој и унапредување во енергетскиот сектор но примарен предизвик ќе биде начинот на кој ќе се испорачаат решенијата.
„Во моментов процентот на зависност од увоз на струја на нашата држава се движи од 20-30%, а зафисноста од нафтените деривати и природен гас е 100 %. Потребни ни се производни гасни централи и хидро електрани, но нивната изградба налага големи инвестициски вложувања. Подобри се состојбите кај фотоволтаичните централи, но постојните термоенергетски објекти на јаглен и мазут (Битола, Осломеј и Неготино) се стари“, вели професорот Антон Чаушевски за „Локално“.
Оттука, најавата дека веќе е договорена странска инвестиција во делот на енергетика во вредност од меѓу 400- 500 милиони евра за него е добра, но претходно , како што вели, треба да бидат разјаснети многу непознаници. Како добредојден го оценува секој нов енергетски објект, сеедно дали е домашен, странски или пак како резултат на јавно- приватно партнерство, а меѓу дилемите ја наведува локацијата на градбата и договорите.
„Ако инвеститорот се согласи да го реализира проектот без какви било обврски од наша страна (да не мора да ја одкупува енергијата на ЕСМ) односно да не зависи од нашите компании, тогаш тоа е добро“, вели Чаушевски.
На иста линија се размислувањата и на професорот Абдилменаф Беџети. Наместо фрагментирани решенија,апсолутно потребни се приоритети во секторот енергетика, вели тој, од регулирање, инвестиции па и надзор.
„Имаме потреба од систем на балансирани енергетски извори, особено што и според сите глобални тенденции, потребна е енергетска транзиција на земјата. Не треба фрагментирани решенија и моментални приоритети од типот на соларна и ветрова без да се најде решение за балансирање на системот. Еуфоричните инвестиции во соларна енергија според сезонски (високи) цени може да бидат проблематични од аспект на одржливост на инвестициите, особено кога и регионалниот енергетски пазар сеуште не е најефикасен и функционален и поради немање соодветна инфраструктурна поврзаност како и несоодветна комплементарност во секторот. Системот на складирање на енергија е многу скап за мали пазари но и еколошки сеуште не се изнајдени одржливи решенија. Веќе се присутни одредени пореметувања на енергетскиот пазар без соодветна оптимизација и балансирање на понудата и потрошувачката“, објаснува Беџети.
Планот во иднина да се формира ново Министерство за енергетика, Чаушевски смета дека ќе стави акцент на потребата од изградба на нови енергетски објекти а со тоа и сериозни вложувања.
Професорот Беџети пак смета дека постоечките енергетски компании треба да претрпат радикално преструктурирање како во организациска така и во финансиска смисла.
„Секако дека ваквиот чекор, да се формира ново Министерство, е голем зафат и ќе изискува сериозна логистика во однос на обезбедувањето човечки ресурси. Од друга страна, доколку целиот проект биде квалитетно реализиран, ќе обезбеди поголем акцент на енергетиката, проблемите во оваа област, но и на потребата за изградба и одржување на енергетски објекти кои подразбираат сериозни вложувања. Подеднакво важен е и развојот на гасоводната мрежа , изградбата на интерконекторот со Грција како и внатрешната дистрибутивна мрежа“, вели Чаушевски.
„Издвојувањето на енергетскиот сектор во посебно Министерство е можно само доколку промените се во поширок контекст на регулирање на економскиот систем, на пример енергетика, рударство и минерали па тогаш се доведува во прашање потребата од Министерство за економија, на кој би му останала само надлежноста за трговија. Постојните енергетски компании во државна соопственост треба радикално да се преструктуираат, не само организациски туку и технички и финансиски. Нездраво и понајмалку одржливо е нивното постојано субвенционирање од државата или централниот буџет и заради високата цена на парите во услови на дефицитарен буџет и висок јавен долг“, дециден е Беџети.
Според ветувањата, со новото Министерство за енергетика не само што треба да се подобри ситуацијата со производствените енергетски капацитети туку и да се зголеми домашното производство.
Освен информацијата дека веќе се завршени преговорите за сериозна странска инвестиција во делот на енергетиката, тешка меѓу 400 и 500 милиони евра, со која годишно ќе се произведуваат околу еден терават часови електрична енергија, се најавува и кредит од друга држава, по принципот Влада со Влада во висина од една милијарда евра.
Но освен дека заемот ќе биде со атрактивна каматна стапка, нема детали која Влада го преговарала овој заем, од која држава ќе дојдат парите и за што ќе бидат наменети овие средства.
К.В.С.