Годинешниот холандски претставник на Евровизија, Јост Клајн, со одлука на организаторите е дисквалификуван и вечерва нема да настапи во големото финале.
Клајн беше обвинет од член на продукциската екипа за непримерно однесување по скандалот што се случи по неговиот настап на втората полуфинална вечер.
По големите перипетии кои ја следат 68. „Евровизија“, се огласи и националната телевизија на Холандија, „Авротрос“, која го организира нивниот национален натпревар.
– Имаше инцидент по настапот минатиот четврток. Против јасен договор, Јост беше снимен како излегува од сцената и мораше да брза во зелената соба. Во тој момент, Јост постојано укажуваше дека не сака да биде снимен. Тоа не се почитуваше. Ова доведе до заканувачки гест од Јост кон камерата. Јост не ја допре снимателката. Овој инцидент бил пријавен, а потоа и истрага на ЕБУ и полицијата. Вчера и денеска имавме опсежни консултации со ЕБУ и предложивме неколку решенија. Сепак, ЕБУ одлучи да го дисквалификува Јост Клајн. „Авротрос“ смета дека казната е многу тешка и непропорционална. Ние се залагаме за добри манири – да нема недоразбирање околу тоа – но според наше мислење, наредбата за исклучување е непропорционална со овој инцидент. Многу сме разочарани и вознемирени за милионите фанови кои беа толку возбудени за оваа вечер. Она што Јост им го донесе на Холандија и Европа не требаше вака да заврши – пишува во соопштението на холандскиот сервис на социјалните мрежи.
Инаку, сите учесници вечерва ги задржуваат своите редовни броеви под кои беа најавени претходно, само што ќе го нема бројот 5 под кој требаше да настапи холандскиот претставник.
И покрај тоа, Холанѓаните можат нормално да гласаат вечерва, 11 мај, за своите фаворити на „Евровизија“, но нема да има гласови за нивниот претставник.