Трансфер гуруто, Фабрицио Романо направи интересно откритие за Килијан Мбапе. Францускиот репрезентативец на почетокот на оваа недела објави дека го напушта Пари Сен Жермен и се очекува да биде објавен како играч на Реал Мадрид во наредните недели.
Според Романо, Мбапе отсекогаш сакал да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“ и воопшто не размислувал за трансфер во Премиер лигата и покрај шпекулациите кои го поврзуваат неговото име со голем број англиски гиганти.
„Планот е Мбапе да замине во Реал Мадрид и сакам да потврдам дека тој никогаш не преговарал со клубови од Премиер лигата. Видовме голем број приказни за Мбапе и тимови како Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Челси и Арсенал, но вистината е дека Мбапе никогаш не сакал да води разговори со англиските клубови. Прво, затоа што неговиот фокус е на Реал Мадрид и второ, затоа што не сака да создава нови проблеми со Флорентино Перез, како што направи кога реши да ја одбие понудата на Реал Мадрид и да потпише нов договор со ПСЖ во 2022 година“, изјави Фабрицио Романо.