Министерството за надворешни работи ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на Уставните одредби како и сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, познат како Договорот од Преспа.
-Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, Отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на Стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД, велат од МНР преку соопштение.
Повикуваат на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери.
-Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата, стои во соопштението на официјалната дипломатија.
„Билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име“, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција за инаугурацијата на Гордана Сиљановска-Давкова и употребата на името „Македонија“ и посочија дека оваа постапка претставува прекршување и на договорот и на Уставот.
Во реакцијата од грчкото МНР пишува дека „за време на денешната заклетва во Собранието и покрај фактот што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата беше под името „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Силјановска-Давкова, одбра земјата да ја нарече „Македонија“.
-Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски, соопштија од грчкото МНР.