Режисерка од Нов Зеланд сними филм инспирирана од „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

од Nikola Popovski
188 прегледи

И после 30 години, македонскиот филмски класик „Пред дождот“ на Милчо Манчевски инспирира нови режисери насекаде низ светот.

Овојпат во Нов Зеланд: режисерката Лорен Тејлор во интервју за „НЗ Хералд“ открива дека нејзиното дебитантско дело „Месечината е наопаку“ е инспирирано токму од македонскиот филм.
Таа кажува дека „Пред дождот“ првпат го гледала кога ималa 17 години и работела во едно кино во Бруклин, предградие на главниот град Велингтон. Многу ѝ се допаднал, и сè уште ѝ се допаѓа. Речиси 30 години подоцна, Тејлор се навраќа на филмот на Манчевски кога во истото кино ќе ја гледа премиерата на својот прв филм „Месечината е наопаку“ во кој е режисерка, сценаристка и актерка и кој како и „Пред дождот“ има три навидум неповрзани приказни.

„Филмот беше под влијание на многу нешта“, вели Тејлор. „Меѓу нив и филмот на Манчевски и неговиот заплет како Венов дијаграм“.Во годината кога најнаградувано дело во историјата на македонската кинематографија и едно од најголемите достигнувања на македонската култура воопшто слави 30 години од премиерата во септември 1994, не престануваат одгласите за овој филм на Манчевски.

Имено, во промотивното видео пред годинашното доделување на Оскарите, холивудската актерка Глен Клоуз го избра токму „Пред дождот“, кој во 1995 беше номиниран за Оскар за најдобар странски филм, како дело што ја инспирирало да посака да ја посети Македонија. ( https://www.youtube.com/watch?v=DHu90AY4GSI )

„Постои филм што се вика „Пред дождот“ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стара (земја) и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите“, вели во видеото Глен Клоуз која има рекордни 8 номинации за Оскар.

Во 1994, „Пред дожот“ освои Златен лав во Венеција на најстариот филмски фестивал во светот. Покрај Златниот лав, „Пред дождот“ доби уште триесетина награди на светските фестивали, а беше и првиот македонски филм номиниран за Оскар во категоријата најдобар странски филм.

„Пред дождот ја стави Македонија на светската мапа. Дела како ова ме одржуваат. Потсетник за благородноста што филмот може да ја досегне“, напиша легендарниот филмски критичар Роџер Иберт за американската премиера на филмот во 1995.

„Македонија, љубов моја“, „Милчо Македонецот“, „Мајсторот од Македонија“, „Македонско ремек-дело“, се само дел од насловите за „Пред дождот“ во светските медиуми во тоа време, а јапонските весници цртаа и мапи за да покажат каде е Македонија, која стана независна земја само 3 години пред премиерата на овој филм.

„Пред дождот“ е вброен во 1.000 најдобри филмови во историјата од страна на „Њујорк тајмс“, а на фестивалот во Венеција една од паралелните награди беше именувана според мотот на филмот „Кругот не е тркалезен“. Во Фиренца се одржа меѓународна академска конференција посветена на филмот.

„Пред дождот“ е прикажан на над 100 фестивали, прикажан во редовна кино и тв-дистрибуција во над 50 земји на сите континенти. Во САД, реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеото од филмот во едиција со класиците Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон, итн. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, а во Италија е дел од обавезната наставна програма во средните училишта. За филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-на јазици во светските медиуми.

Во Кореја „Пред дождот“ се користеше во работни тетратки за изучување на англискиот јазик, а во САД и Полска за изучување на македонскиот. Во Италија постои и вино крстено според филмот „Пред дождот“ и ресторан со истото име.

„Пред дождот“ до ден денес уште игра во кинотечните и фестивалските програми насекаде низ светот.

Слични содржини