Лога размислува да покрене постапка пред Уставниот суд за заклетвата на Силјановска Давкова

од Nikola Popovski
313 прегледи

Министерот за правда, Кренар Лога вели дека секогаш ќе реагира кога функционер од земјава нема да го употребува уставното име Република Северна Македонија. За претседателката Гордана Силјановска-Давкова вели дека е прв човек на државата и мора да биде на ниво на задачата за која дала заклетва.

Лога смета дека изјавата на Давкова за употреба на името Република Македонија според нејзино убедување е „лош пример за државник и лош пример како професорка, со оглед дека цел живот предавала уставно право и седнува на функција за да докаже како треба да се почитува Уставот и државата“.

-Лош пример е затоа што утре ќе имаме заклетва од страна на полицајците и војниците и ќе може да кажат дека даваат заклетва врз друго име. Вчера забележав дека од нејзина страна има ретерирање, но се случува по два дена кога жестоко сме нападнати од нашите соседи и сојузници. Не сакам да помислам дека е најава и од другите функционери во иднина. Се чини дека е стратегија на ВМРО-ДПМНЕ – забораваат дека сега имаат одговорност и нема друга кампања. ВМРО има добиено голема поддршка од граѓаните и се чини дека се што е кажано во кампања е голема лага, истакна министерот во емисијата „Слободен печат“.

Министерот за правда истакнува дека штом ВМРО-ДПМНЕ формира 2/3 мнозинство во Собранието, со помош на пратениците на ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, „нека повелат во Собранието и со уставни измени нека го вратат старото име на државата“.

-Ако играат чесно, во првите денови нека го вратат името. Ги имаат бројките со другите партии. Не очекува тежок период, смета функционерот.

-Која е логиката да давате една заклетва во усна форма, а друга во писмена? Ова е невиден парадокс. Како може претседател на држава да дава заклетва различна од тоа што ќе го потпишува? Ова значи дека сите тие работи што ќе ги кажувате усно, утре нема да ги почитувате бидејќи ќе потпишувате друго. Можеме да покренеме постапка пред Уставен суд заради тоа што ако имаме ваков преседан, може и во иднина ќе има поединци кои ќе сакаат да се докажуваат дека се големи патриоти од било која заедница, додава Лога.

Слични содржини