Партијата ВМРО-ДПМНЕ и здружената коалиција ВЛЕН денеска ќе седнат на заедничка маса, во прв обид да договорат формирање на Влада и распределба на ресори. Двата политички субјекти веќе ги формираа работните групи за продолжување на разговорите за евентуално коалицирање.
Во саботата веќе се одржа една средба во седиштето на здружената албанска опозиција на плоштадот „Скендербег“. На средбата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите од ВЛЕН – Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши. Од партијата на Мицкоски рекоа дека соработката ќе се темели на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. Од здружената албанска коалиција, пак изјавија дека разговорите оделе во позитивна насока.
Според роковите во Уставот, Владата би требало да биде предложена најдоцна до крајот на јуни. Таа треба да биде изгласана со мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 во Собранието.
Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата „Влен“ 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 436.036 гласови на парламентарните избори на 8 мај, речиси тројно повеќе од коалицијата на СДСМ, кој ја предводеше Владата во последните седум години.