ОЈО обезбеди снимки од камерите и траги од местото каде беше опожарено службеното возило на директорот на „Идризово“

од Nikola Popovski
230 прегледи

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и вешти лица од Одделот за форензички истраги на МВР извршија увид во Кисела Вода каде во текот на ноќта беше опожарен службен автомобил во сопственост на КПУ „Идризово“ – Скопје кој го користел директорот Зоран Јовановски.

-Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење со цел да се утврдат причините за опожарувањето. Обезбедени се снимки од видео надзор на околните објекти и се преземаат други дејствија, појаснуваат од ОЈО.

Екипа на Скопската противпожарна служба со неколку пожарникари учествувала во гаснењето. Нема повредени лица, освен предизвикана материјална штета.

-На 15.05.2024 околу 03.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј. Од пожарот бил зафатен дел и од фасада на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од полицијата.

Лани во март, Владата го разреши тогашниот директор на затворот „Идризово“ Шпенд Тахири, а на негово место го назначи токму Јовановски. Разрешувањето на Тахири дојде во истиот ден откако беше обелоденето дека бил откриен тунел во затворот, ископан од осуденици, кои се подготвувале за бегство. Се наведе дека затворениците ископале 60 метри тунел и дека сето ова се правело во претходните 4-5 месеци.

Слични содржини