Атентати низ историјата: Мета беа и политички и верски лидери – еве дел од нив

од Nikola Popovski
164 прегледи

Словачкиот премиер Роберт Фицо беше застрелан и ранет во средата, со што стана последниот европски лидер кој беше цел на обид за атентат.

Иако обидите за атентат врз лидери во Европа беа релативно ретки во последните 50 години, цел на напади во тој период беа голем број истакнати европски политичари. Шведската министерка за надворешни работи и водечка социјалдемократска политичарка Ана Линд беше смртно избодена со нож во стоковна куќа во центарот на Стокхолм во септември 2003 година. Напаѓачот беше уапсен две недели подоцна и осуден на доживотен затвор.

Српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ беше убиен во март 2003 година во Белград. Ѓинѓиќ беше прозападен политичар кој го предводеше соборувањето на Слободан Милошевиќ во 2000 година. Францускиот претседател Жак Ширак преживеа обид за атентат во јули 2002 година, за време на воената парада на Денот на Бастилја, откако напаѓач испука куршум кон него, но промаши.

Добро познат холандски политичар кој беше критичен настроен кон имиграцијата и исламот, Пим Фортујн беше убиен во мај 2002 година, девет дена пред општите избори. Тој беше застрелан и убиен од активист за правата на животните. Германскиот политичар Волфганг Шојбле остана делумно парализиран откако беше застрелан три пати на предизборен митинг неколку дена по повторното обединување на Германија во 1990 година. Подоцна стана член на парламентот и министер. Почина минатата година.

Шведскиот социјалдемократски премиер Улоф Палме беше убиен на улица во центарот на Стокхолм во февруари 1986 година додека си одеше дома со сопругата после посета на кино. Осомничениот, кој беше осуден во 1988 година, на крајот беше ослободен по жалбена постапка.

Британската премиерка Маргарет Тачер, позната како „Железната дама“, за влакно избегна голема експлозија во хотелот во кој престојувала во Брајтон. Бомбата беше поставена од припадници на Ирската републиканска армија (ИРА) пред конференцијата на Конзервативната партија. Во експлозијата загинаа пет лица.

Папата Јован Павле Втори беше застрелан на плоштадот Свети Петар во срцето на Ватикан во мај 1981 година. Со две прострелни рани, тој се извлече и се спаси, а неколку години подоцна неговиот напаѓач побара и доби помилување од тогашниот италијански претседател Карло Чампи.

Поранешниот премиер и претседател на италијанските демохристијани, Алдо Мора, во март 1978 година беше киднапиран од членови на екстремно левичарската милитантна група „Црвена бригада“, а во замена за негово ослободување побараа ослободување на затвореници и нивни колеги. Околу два месеци подоцна, тој беше пронајден мртов во багажникот на автомобил.

Набргу откако стана премиер на Шпанија во последните години на диктаторот Франциско Франко, Луис Карера Бланко беше убиен во бомбашки напад на улица во Мадрид од страна на баскиската националистичка милитантна група ЕТА.

Слични содржини