Битиќи демантира преминување во ВЛЕН: „Моето членство во СДСМ е вкоренето“

од Nikola Popovski
213 прегледи

Вицепремиерот за економски прашање и член на СДСМ, Фатмир Битиќи ги демантира пишувањата на одредени медиуми дека ќе се приклучи кон коалицијата ВЛЕН, но дека на почетокот ќе делува како независен пратеник. Тој ги повика медиумите и партиите да не шпекулираат и да не објавуваат вести од типот на „неофицијално дознава…“.

-Моето членство во СДСМ и улогата на потпретседател се вкоренети во вредностите кои ги споделувам со огромен дел од моите сопартијци. Како пратеник достојно ќе ги претставувам сите кои гласаа за нашата коалиција, а останувам и сојузник на сите кои се за искрени внатре-партиски реформи. Заедно со моите сопартијци ќе ги донесеме тие промени.

Тука сум, не одам никаде, цврсто стојам на патот на социјалдемократијата, објави Битиќи на социјалните мрежи.

Тој претходно во објава на Фејсбук напиша дека влегол во политиката за да направи промена и дека не се откажува.

По одржувањето на парламентарните избори на 8-ми мај, Битиќи преку видео порака објавена на социјалните медиуми поднесе оставка од партиската функција.

-Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех, изјави Битиќи.

Покрај Битиќи, условени оставки од партиските функции поднесоа и Јованка Тренчевска и Перо Костадинов.

Од СДСМ најавија дека следната недела највисоките партиски органи ќе одржат состаноци на кои ќе се извршат подготовките за свикување отчетен Конгрес, согласно статусот на партијата.

На отчениот Конгрес ќе се рагледаат причините за изборниот резултат, спроведените анализи и поднесените извештаи за работењето на партијата. Согласно Статутот, се очекува на отчениот Конгрес да бидат дефинирани рокови и начин на спроведување на внатрепартиски избори. Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, заменик претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ.

Досегашната владејачка партија претрпе тежок пораз на претседателските и парламентарните избори. Исто така и поранешниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, кој се бореше за втор мандат на вториот круг од претседателските избори загуби од неговата противкандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, освојувајќи 251.899 гласови или  29,25 отсто, наспроти 561.000, одноно 65,14 отсто за новата шефица на државата.

Лидерот на партијата, Димитар Ковачевски вечерта на 8-ми мај порача дека изборниот резултат е разочарувачки. Според него, на СДСМ му е зададен тежок удар не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и од поддржувачите на партијата.

Слични содржини