Денес попладне во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи првата средба на работните групи на партијата на Христијан Мицкоски и коалицијата Влен во обид за формирање на новата Влада. Предвидено е средбата да се одржи во 14 часот.
Во саботата се одржа првата начелна средба меѓу субјектите. Од партијата на Христијан Мицкоски рекоа дека соработката ќе се темели на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. Од Коалицијата ВЛЕН, пак изјавија дека разговорите оделе во позитивна насока.
Се очекува во наредните денови да биде договорена распределбата на ресорите, како и директорските места што би ги добиле партиите.
Во преговарачкиот тим се назначени членови од различни политички субјекти од коалицијата ВЛЕН. Висар Ганиу го претставува Демократското движење, додека Азир Алиу ја претставува Алијансата за Албанците. Дополнително, вклучени се по двајца членови од Движењето Беса и Алтернатива. Во напорите на групата ќе придонесе и Беким Ќоку од Самоопределување, иако не како владин член, туку како дел од пратеничка група со свој глас како пратеник. Тимот на ВМРО-ДПМНЕ е на потпретседателско ниво, односно преговорите ќе ги водат Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриевска Кочовска и Тимчо Муцунски.
Според Изет Меџити од Демократското движење,, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го нема арогантниот однос на, како што рече, старото ВМРО и Груевски, зашто посочи дека и покрај тоа што освоил 58 пратеници, го посетил штабот на вЛЕН, а разговорите меѓу двете коалиции продолжуваат на дневно ниво.
Мeџити смета дека притисокот од јавноста и медиумите за време на овие седници е непотребен, повторувајќи ја нивната работна природа. Тој најави дека медиумските ажурирања ќе бидат канализирани преку официјални извори, нагласувајќи ја затвореноста на овие состаноци.
Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов смета дека Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има 63 или 64 пратеници и без коалицијата ВЛЕН.
-Направено е едно парламентарно мнозинство кое е стабилно и од тој аспект не може ниту една политичка партија да уценува. Според проценките и информациите во јавноста, некаде веќе 63 или 64 пратеници ќе има без албанската опозиција во Парламентот. Тоа е силно парламентарно мнозинство, рече пред два дена Трајанов.