Мицкоски: Мое основно човеково право е како ќе ја нарекувам мојата држава

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар на новата Влада, Христијан Мицкоски ја повика Грција, доколку смета дека има прекршување на Договорот од Преспа да се обрати до Меѓународниот суд за правдата и таму да се соочат аргументите на едната и на другата страна.

„Ценам дека ВМРО-ДПМНЕ, како и владата (во Грција) предводена од Нова демократија, имаат свој став во однос на Договорот од Преспа и на никој од нас не ни се допаѓа. Но, за разлика од таму, овде Договорот од Преспа е дел од македонскиот устав и закони. Многупати сме кажале дека тоа е реалност“, рече Мицкоски одговарајќи на прашање поврзано со пораките од Грција откако новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова одби да го изговори уставното име на државата за време на нејзината заклетва.

За тоа како тој самиот и идната влада ќе постапат во однос на уставното име, Мицкоски одговори дека „комуникацијата меѓу институциите останува во согласност со законот, но дека негово основно човеково право е како ќе ја нарекува својата држава“.

„И додека давам изјави и додека се обраќам пред вас новинарите, јас, а очекувам тоа да биде и начин на однесување на претседателката Сиљановска, да се користат термините ‘Македонија’ и придавката ‘македонски’ бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор, немаме прекршување на истиот. Ја користам оваа прилика да испратам порака до нашите пријатели во Грција, да престанеме со закани и со опструкции и со враќање назад во минатото, да гледаме напред во иднината. Ова се документи што се дел од правото. Ако тие мислат дека ние сме го прекршиле Преспанскиот договор, тогаш постои меѓународен суд за правда, може да отпочнат процес, па таму ќе ги вкрстиме и едните и другите аргументи. Не би сакал да дојде до тоа“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ „нема да ги повтори грешките од минатото“ и нема намера да менува имиња на автопати, аеродроми или да гради нови споменици.

„Сакаме само да се ратификува протоколот за економска соработка меѓу двете земји. Ги повикувам грчките компании да инвестираат во Македонија и македонските компании да инвестираат во Грција. Така треба да соработуваат партнерите, сакам да видам таква соработка. Нема втора можност за прв впечаток, а за жал првиот впечаток од нашиот јужен сосед наместо честитка за убедлив триумф и на ВМРО-ДПМНЕ и на Силјановска видовме на отворена сцена политички мускули иако тоа се што е од Преспанскиот договор и повеќе е имплементирано во Македонија, а од тоа што можеме да видиме што се случува таму основните три работи не ги завршиле.  Сакаме добрососедски односи и очекувам да во најскоро време со грчкиот премиер се видиме и разговараме за соработка во туризмот, економија, образование и така натаму“, изјави Мицкоски.

Тој изрази очекување во блиска иднина да се сретне со грчкиот премиер и да разговара за соработката на полето на економијата, туризмот и образованието.

Слични содржини