Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (17.05.2024) полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР и Единицата за интервентна полиција на СВР Скопје го завршија процесот на екстрадиција од Косово во Република Северна Македонија на Бесим Красниќи (44).
Тој се бараше со меѓународна потерница по наредба на Основен кривичен суд Скопје за издржување на казна затвор за сторени кривични дела разбојништво, тешки дела против општата сигурност и казнување за подготвување во врска со кривично дело тероризам.
Лицето е спроведено во КПУ Идризово.
Основниот суд во Урошевац пред десетина дена соопшти дека му изрекол мерка притвор во траење од 40 дена на Красниќи, кој е уапсен од косовската полиција на 3 мај, врз основа на меѓународна потерница, издадена на барање на Северна Македонија.
Бесим заедно со брат му Агим, Сехат Рамадани и Фадиљ Точи беа уапсени во Урошевац. Станува збор за луѓе од кондовската група која долго време беше страв и трепет во скопско.
На веб-страницата на македонското МВР, во делот за потраги, објавени се меѓународни потерници за сите четворица. Агим Красниќи и Рамадани се во бегство од февруари во 2020 година, кога не се вратија во штипскиот затвор по слободен викенд, иако имаа да издржат уште околу три години од вкупно 15 години затвор. Бесим Красниќи се бараше бара за издржување на вкупно 28 и пол години затвор за серија на кривични дела, додека Точи треба да издржи 41 година и 7 месеци за 10 кривични длеа.