Судскиот совет синоќа донесе одлука за одземање на имунитетот на врховниот судија Наке Георгиев, а членовите на Советот го одобрија и барањето за притвор на судијата. Исто така донесена е одлука и за времено оддалечување од судиската функција.
„Се одзема имунитетот на врховен судија заради непречено водење на кривичната постапка. Се одобрува барањето за одобрување на мерката притвор за судија на Врховен суд поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје. Времено се одалечува од вршењето судиска функција, судија на Врховниот суд до правосилно решавање на кривичната постапка“, соопштија од Судскиот совет по одржаната седница на полноќ.
За одземањето на судскиот имунитет на судијата Георгиев и за одобрувањето притворот членовите на Судскиот совет расправаа и одлучуваа зад затворени врати, откако едногласно со 10 гласа „за“ одлучија да ја исклучат јавноста од седницата.
Тие се повикаа на членот 39 став 2 од Законот за Судскиот совет кој предвидува дека во вакви случаи членовите на ова тело со двотретинско мнозинство гласови можат да ја исклучат јавноста од следење на расправата поради заштита на угледот и интегритетот на судијата.
Имунитетот може да се одземе за да може судијата да се појави пред судија на претходна постапка кој одлучува дали ќе му биде определена мерка притвор или не.
Синоќа имало претреси на повеќе локации, како и Врховниот суд, канцеларијата која ја користел судијата.
Георгиев вчера беше уаспсен поради сомнеж за примање на мито, односно неофицијално е осомничен дека зел 10.000 евра.