Државната комисија за спречување на корупцијата покрена иницијатива до сите надлежни органи за утврдување одговорност на директорката Наташа Габер-Дамјановска, како и претседателот и членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.
Надлежните институции имаат рок од 60 дена да ја разгледаат и да постапат по оваа иницијатива.
„ДКСК одамна отвори предмет за вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители, за време на изборите, за што утврди дека е спротивно на законите, а тоа практично го потврдија и Управниот и Вишиот управен суд, кои ја отфрлија жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители. Затоа, сметаме дека и оваа иницијатива е целосно оправдана и дека надлежните институции ќе постапат соодветно и во предвидениот рок“, стои во соопштението на ДКСК.
Габер-Дамјановска е поранешна уставна судијка и директорка на Институтот за социолошки и политички правни истражувања, а за директор на Академијата прв пат беше избрана во ноември 2018 година.