Тајван одговори со гест на добра волја на кинеските воени вежби

од Nikola Popovski
491 прегледи

Претседателот на Тајван, Лаи Чинг-Те направил гест на добра волја и ѝ понудил соработка со Кина по дводневните кинески воени вежби во близина на островот, додека група американски конгресмени пристигнуваат во Тајпеј.

Кина спроведе воени вежби во четвртокот и петокот околу Тајван, нарекувајќи ги „казна“ по инаугурацискиот говор на Лаи во понеделникот, што Пекинг го нарече уште еден притисок кон прогласување независност на островот.

Лаи им се заблагодари на Американците

Кина постојано го критикуваше Лаи како „сепаратист“. Тој ги отфрла тврдењата на Пекинг за суверенитет и вели дека само тајванскиот народ може да одлучува за својата иднина. Неколку пати се понудил за разговар, но бил одбиен. Говорејќи на состанокот на неговата владејачка Демократска напредна партија (ДПП) во јужниот град Таинан, Лаи ја повикал Кина да „подели голема одговорност за регионалната стабилност со Тајван“.

Лаи, кој победи на изборите во јануари, рекол дека исто така „се радува на подобрување на меѓусебното разбирање и помирување со Кина преку размена и соработка, создавање взаемна корист и унапредување кон позиција на мир и заеднички просперитет“.

Тој им се заблагодарил на Соединетите Американски Држави и другите земји што изразиле загриженост за воените вежби на Кина.

„Меѓународната заедница нема да прифати некоја земја да создава проблеми во Тајванскиот теснец и да влијае на регионалната стабилност“, додал Лаи.

„Тајван е успешна демократија“

Денеска на островот пристигнала првата група американски претставници што го посетува Тајван откако Лаи ја презеде функцијата. Тие ќе останат четири дена, а делегацијата ја предводи Мајкл МекКол, републиканскиот претседател на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом.

МекКол, на кој му се придружилла двопартиска група од пет други пратеници, утре наутро ќе се сретне со Лаи за да „размени мислења за мирот и стабилноста во Индо-пацификот“, соопштиле од кабинетот на тајванскиот претседател.

„Тајван е успешна демократија. САД ќе продолжат да поддржуваат постојан партнер и да работат на одржување на статус кво во тајванскиот теснец“, кажал МекКол.

Слични содржини