Сега веќе разрешениот директор на Клиниката за Кардиохирургија, Марјан Шокаровски се огласи по денешната прес-конференција на министерот за здравство, Илир Демири и соопштението дека се разрешува од функцијата. Во краток разговор за „Локално“ вели дека неговата смена е противзаконска.
-Слушнав дека постојат наводи на министерот во заминување дека сакал да ме разреши што е спротивно на сите постоечки закони и уставот на Македонија. Имено изборниот законик е дециден дека до формирање на новата влада, техничкиот министер нема ниту такви овластувања ниту можност, дотолку повеќе тоа претставува кршење на законот. Се надевам институциите ќе се држат до почитување на постоечките закони, истакнува Шокаровски во одговорот.
Што се однесува до, како што вели, гнасните лаги и клевети околу наводите за зголемена смртност на Кардиохирургија, со што сакаат да се уништи една од најдобрите и најуспешни приказни во јавното здравство, „јас и стручниот колегиум на Клиниката во тек на наредните денови ќе излеземе со официјален демант и точни резултати околу невистините кои периодов беа лиферувани во јавноста“, истакнува Шокаровски во реакцијата.
Првиот човек во здравството, Илир Демири денеска информира дека причината за смената на директорот е поради влошување на „меѓучовечки односи“.
-Оформив комисија и побарав да се испитаат (наводите околу смртноста на Клиниката). Во извештајот што го добив нема значителна поврзаност со инсинуациите дека е зголемена смртноста, но има друг податок дека има 170 пациенти кои не се внесени во системот „Мој Термин“ и немаат прилог кон умреница. Затоа денес одлучив да го прекинам вршењето на функцијата на директорот. Друга причина е крајно нарушените меѓучовечки односи во Клиниката, која е врвна. Тоа е недозволиво. Бидејќи сум министер во заминување, сакав ова да го одложам и со ова да се занимава следниот министер. Таму директор треба да се назначи некој експерт од надвор, кажа Демири на денешната прес-конференција со новинарите.
Шокаровски беше ставен за нов директор откако претходниот министер Фатмир Меџити го разреши долгогодишниот директор на Кардиохирургија, Сашко Јовев.
Д-р Шокаровски е дел од тимот на Клиниката од нејзиното основање. Тој е супспецијалист по кардиохирургија, завршена во Универзитетски клинички болнички центар – Загреб, има повеќегодишно хируршко и академско искуство во оваа област, раководител е на оперативниот блок, а ангажиран е и како асистент на Медицинскиот факултет-Скопје.
Н.П.