Капитенот на Реал: Ништо нема да ја промени мојата одлука

од Vladimir Zorba
778 прегледи

Реал Мадрид и Борусија Дортмунд во сабота од 21 часот ќе го одиграат финалето на Лигата на шампионите на Вембли. За капитенот на мадриѓаните Начо Фернандез (34) тоа би можело да биде последен натпревар за мадридскиот тим, чиј дрес го носи од почетокот на кариерата и за кој одигра 363 натпревари, постигнувајќи 16 и асистираше уште за десет гола.

Неговиот договор истекува на крајот од сезоната и се уште не се знае дали ќе го продолжи.

Во интервју за шпанското радио Онда Серо, тој рече: „Одлучив што ќе правам кога ќе заврши сезоната. Нема да кажам сега, не е вистинското време. Освоена ЛШ или ЕП, ништо што ќе се случи нема да ја промени мојата одлука“, изјави Начо кој се најде на списокот на шпанската репрезентација за ЕП.

Фернандез е икона на клубот и од оваа сезона капитен на Реал, со кој освои 25 трофеи, од кои пет во Лигата на шампионите, што значи дека славјето над Борусија би му донело шеста европска титула.

Така би се изедначил, како и Лука Модриќ, со легендата на Реал – Пако Гентo. Иако целата своја кариера ја мина во Реал, односно во првиот тим од 2012 година, Начо ретко беше во преден план, но најмногу беше резерва.

Слични содржини