Нема ниту мајоризација, ниту шовинизам, ниту е важно што Ахмети имал чувство на навреденост, важно е што волјата на мнозинството е ДУИ да оди во опозиција и се соочи со одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешната прес-конференција на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Од партијата на Христијан Мицкоски велат дека „ако одењето на ДУИ во опозиција е кршење на Рамковниот договор, тогаш и Али Ахмети го прекрши кога реши да ја изостави ВМРО-ДПМНЕ од владата и не го почитуваше резултатот на изборите 2016-та година каде победи ВМРО-ДПМНЕ“.
-Што само значи дека почитувањето на Охридскиот договор нема врска со фактот дали ДУИ е власт или опозиција. Ахмети треба да престане да се однесува како палаво дете кое плаче по играчката која не е негова, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не е СДС, ниту пак одењето на ДУИ има некаква врска со односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Албанците. Затоа што ДУИ не се само Албанците во Македонија, ДУИ е сегментот кој ги крадеше Албанците исто како и Македонците. Ако Ахмети мисли дека нови и антидржавни етнички барања преточени во документи и платформи ќе го спаси од одење во опозиција и ќе ги сокрие криминалите на неговата партија, треба да знае само дека тоа забрзано ќе му ја заврши кариерата, стои во партиското соопштение, во кое на крај се додава дека е „исполнето првото ветување“ на партијата, а тоа е „ДУИ во опозиција“.
Лидерот на ДУИ денес најави борба против мајоризацијата, но не кажа кои мерки ќе ги преземат како коалиција „Европски фронт“. Според него неприфатливо е коалицијата која освоила помал број мандати да стане дел од владата.
Тој во седиштето на ДУИ во Мала Речица рече дека започнуваат со спречување на нова мајоризација и ги повика граѓаните да им се придружат во нивните напори „за заштита на гласот, легитимитетот и духот“ на Охридскиот рамковен договор.