13-ти ден не работат операционите сали на Хирургија, a СДСМ и ДУИ го оставаат здравството во хаос, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку утринското соопштение.
Според партијата која ќе ја предводи идната влада, десетици и стотици пациенти се препраќаат по другите болници во Скопје затоа што Хирургија на Клинички не работи, а од пред 2 дена апаратите за компјутерска томографија и РТГ исто така не работат.
-И додека Клинички колабира, најмалку петмина од раководството и администрацијата на Хирургија, меѓу кои и Адмир Дајоски економскиот директор на Торакална, среде хаосот заминале на патување на Азурен Брег, критикуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, затворените хируршки сали на Клинички двојно го зголемија бројот на итни случаи во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Во последните 10 дена извршени се 150 ургентни операции.
-Некаде пред 30 години се градени салите и тогаш е поставена инсталацијата за снабдување со кислород. Точно 30 години е компресорската станица. Пред месец дена имаше хаварија во станицата кога се расипа еден од компресорите и доведе до оштетување и влезе масло во тие цевки, по што компресорот е надвор од употреба. Клиниката за хирургија функционираше со два компресори кои поминаа технички преглед од две независни институции, информирапред два дена, министерот за здравство, Илир Демири за ситуацијата со затворените хируршки сали.
Продолжува неизвесноста и за пациентите и за лекарите бидејќи не се знае кога ќе пристигнат резултатите од примероците од гас, кои се испитуваат во лабораторија во Германија и кои треба да покажат што ја предизвикува непријатната миризба од вентилацискиот систем.