СДСМ со критика за изгласувањето на спорниот ДУП за Лисиче, ќе се гради 12-катница

од Nikola Popovski
586 прегледи

СДСМ го критикува изгласувањето на спорниот ДУП за Лисиче за градската четврт ЈИ 09, блок 09.01, според кој е предвидено изградба на 12-катница односно зграда со приземје, десет ката и поткровје.

-Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Совет и градоначалникот Тимчо Муцунски одлучија да ја одмолчат дискусијата и не дадоа ниту еден одговор на прашањата поставени од опозициските советници на СДСМ. Со 16 гласа ЗА и 11 ПРОТИВ беше изгласан ДУП-от за Лисиче без ниту еден изустен збор од Муцунски и советниците на ДПМНЕ.

Со цел да го сокријат овој срам, видео материјалот од директниот пренос на седницата на Советот беше избришан од официјалниот YouTube канал на Општина Аеродром.

Со усвојувањето на овој ДУП Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ овозможија изградба на висококатница на 12 ката, на крстосницата помеѓу булеварите „Србија” и „12-та Македонска бригада”, порачуваат од партијата од „Бихаќка“.

Според СДСМ, Муцунски ја изневери довербата на жителите на Аеродром. Велат дека мандатот го започна со иницијативи за бришење на градежни маркици, а го завршува со „бетонизација”.

Околу 230 анкетни листови доставија жителите на Лисиче до Општина Аеродром на вториот повик, по жестокиот отпор од тамошното население и протестите поради првичниот план за изградба на 11 висококатници по должина на булеварот „Србија“ и улицата „12. Македонска бригада“.

Жители на Лисиче најавија протест денеска во 18.30 часот. Критиките се дека високите згради, кои се главна пречка на жителите од населба Лисиче, ќе попречуваат проток на воздух низ населбата.

Слични содржини