Лога ги коментира преговорите за новата влада: 2/3 за програмата на ВМРО, но не и 2/3 за уставните измени

од Nikola Popovski
543 прегледи

Министерот за правда во заминување и генерален секретар за АА, Кренар Лога објави фотографија од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, споделувајќи ги зборовите: „2/3 за Програмата на ВМРО, но не и 2/3 за уставните измени“.

Според него, давањето поддршка од страна на ВЛЕН за програмските цели на ВМРО-ДПМНЕ (Програма 1198) преку менување на системски закони со 2/3 мнозинство, „создавајќи министерства/ресори за да ги развластуваат Албанците, покажува нивна примерна вазалност“.

„Создавањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го прави Министерот за економија неважен и само декор, односно министер без ресор.

Истото се очекува да се случи и со Министерството за труд и социјална политика, одземајќи ги надлежностите за предучилишното образование, односно градинките, и префрлувајќи ги тие надлежности во Министерството за образование, што исто така ќе направи уште едно министерство што ќе го водат Албанците безвредно.

Нема врска друже, здравството не го чепкаат, зборував со Мицко“, стои во објавата на Лога.

И понатаму течат преговорите за формирањето на новата Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ. Партиите потврдуваат дека разговорите се во финална фаза, но официјално имиња не се откриваат, иако на дневен ред се и вторите и третите ешалони.

Рокот за доделување на мандатот за состав на идната влада истекува на 7-ми јуни. Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова оваа недела треба да му го додели мандатот за состав на новата влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Слични содржини