Пратеничката и екс-министерка за одбрана, Славјанка Петровска утрово говореше за поразот на СДСМ на изборите, но и за нејзината кандидатура за иден лидер на партијата. Тврди дека е дел од поразот како член на СДСМ.
-Секој пораз сум го доживувала лично, исто како и секоја победа. Ако се види што во минатото сум направила лично и како се сум се обидувала да ја подобрам позицијата на СДСМ, мојата мотивација да се кандидирам лежи во тоа. Никогаш не се откажувам и никогаш не се предавам, порача Петровска.
Според неа, главната причина за поразот на СДСМ е што се занемари партиското дејствување на сметка на функционирањето како власт.
-Партијата се луѓето, но тој баланс не се постави. Одлевањето на кадарот од партијата на позициите во извршната власт…Премногу ја осиромашивме партијата со човечки потенцијал и не се водеше доволно грижа за членовите. Дискусиите во партијата на општинско ниво почнаа да замираат, посочи пратеничката.
Вели дека политиката ја примамила несвесно уште пред да наполни 18 години.
-Дефинитивно чекав кога ќе бидам полнолетна, да се зачленам во СДСМ и оттогаш сум активен член. Таму ги препознавам вредностите кои и јас лично ги споделувам и вредностите кои се основата на едно функционирање. Социјалдемократијата е идеологија која јас ја исполнувам, рече довчерашната министерка во емисијата на „Слободен печат“.
Таа информира дека во нејзината програма и кандидатура што денеска ќе ја достави до седиштето на партијата, вели дека дава личен осврт на тоа како ја доживува СДСМ и каде ја црпи мотивацијата за да се кандидира за претседателка.
-Имам поставено пет приоритети кои час поскоро СДСМ треба да ги заврши. Давам предлог партијата да има пет потпретседатели, од кои тројца ќе бидат оперативни и задолжени за општинските организации. Тие ќе имаат задача да работат со општинските организации. Нема да седат на „Бихаќка“, туку ќе се спуштат и ќе доаѓаат од општините. Четвртиот потпретседател ќе биде предлог на СДММ, како и отстапувам простор за Форумот на жени. Една од работите кои што е приоритет е дека ќе биде спроведен ветинг на кандидатите во СДСМ кои ќе преземат одговорни функции. Тоа ќе овозможи да дојдат луѓе со кредибилитет.
Организациски ќе има други структурни реформи. Повеќе да се потпреме на работа на терен. На крајот од Манифестот, завршувам со тоа дека сите заедно членовите, и оние кои се подзаборавени и кои се почувствувале навредени, а имаат капацитет и потенцијал, ќе бидат повикани за заедно да ја направиме стратегијата за победа, обелодени дел од програмата кандидатката за лидер на СДСМ.
Петровска со свој став и околу Преспанскиот договор и користењето на уставното име.
-Дали вредеше промената на името и преименувањето во РС Македонија, на сметка на нашето членство во Алијансата? Тврдам дека да. За мене тоа е најмудрата и најголемата инвестиција за оваа држава. По промената на името, следуваа различни внатрешни процеси, за кои граѓаните очекуваа повеќе, а беа разочарани. ВМРО-ДПМНЕ ова успеа да го наметне како тема за предавништво или херојство. За жал, можеби се несвесни, но ќе ја платат високата цена на таквите манипулации. Особено што врз основа на паролите „Никогаш Северна само Македонија“ успеаја да го вратат назад своето членство и дека никогаш нема да го употребуваат името, додава Петровска.