Наполи официјално го објави Антонио Конте за нов тренер. Договорот на популарниот стручњак е на три години, а според информациите тој ќе инкасира 6,5 милиони евра по сезона со големи бонуси за пласман во Лигата на шампионите (2 милиони) и освојување на Скудетото (1 милион).
На овој начин Конте се врати во Серија „А“ каде имаше големи успеси како тренер прво во Јувентус, а потоа и во Интер. На чело на „бјанконерите“ три последователни години ја освојуваше титулата во Италија во периодот од 2012 до 2014 година, а во 2021 година триумфираше со Скудетото како тренер на „нероазурите“. 54-годишниот стручњак имаше и период како селектор на Италија во периодот од 2014 до 2016 година. Покрај тоа, тој беше менаџер на два англиски тима: Челси и Тотенхем. Со „сините“, Италијанецот стана шампион во Премиер лигата во 2017 година, а Спарс беа неговиот последен клуб пред неговото назначување на чело на Наполи.
Од друга страна, „партенопеите“ имаа неуспешна одбрана на титулата во Серија „А“ од минатата година и во сезоната која штотуку заврши завршија дури десетти во поредокот со предност од само 53 поени или дури 41 бод заостанување од новиот шампион Интер. Така, тимот нема да игра на европските турнири следната кампања, откако забележа 13 победи, 14 нерешени и 11 порази во своите првенствени натпревари во сезоната 2023/24.
Сепак, претседателот на клубот Аурелио Де Лаурентис е убеден дека новиот тренер може да ги доведе „наполитанците“ до нови успеси.
„Многу сум горд што Антонио Конте е новиот менаџер на Наполи. Тој е врвен тренер и лидер со кој сум убеден дека потребното обновување може да започне по завршувањето на циклусот кој лани не однесе до Скудетото по голем број сезони во врвот на италијанскиот фудбал. Денеска започнува ново важно поглавје во историјата на Наполи“, прокоментира тој за клупската веб-страница.
Самиот Конте, исто така, го изрази своето задоволство од приклучувањето кон тимот.
„Наполи е место од глобално значење. Среќен сум и возбуден поради идејата да седнам на клупата на екипата. Можам да ветам едно сигурно: ќе направам се што е во моја моќ за раст на тимот и клубот. Мојата посветеност заедно со мојот персонал ќе биде целосна“, изјави стручњакот.