Системски закони не се носат по брза постапка, рече Спасовски за предлог-законот за реорганизација на Владата

од Nikola Popovski
2,7K прегледи

Системски закони не се носат по брза постапка, пратениците на СДСМ ќе гласаат за симнување од дневен ред на законите за реорганизација и зголемување на бројот на министерства, рече Оливер Спасовски координатор на пратеничката група на СДСМ на денешната седница во Собранието.

-Сакам да го изразам ставот на пратеничката група на СДСМ, дека системски закон да се носи по скратена постапка, не е дозволено, посебно закон којшто уредува зголемување на бројот на министерствата и агенции и нема ниту проценка на влијание на регулативата. Не навлегувам во аргументите, предлогот, легитимноста, ама тука апсолутно станува збор за сложен и обемен закон кој е спротивен на деловникот на којшто се однесува и ние гласаме за симнување на оваа точка од дневниот ред, кажа Спасовски од собраниската говорница.

Собранието денеска ја почна втората седница со расправа по првата точка од дневниот ред за Верификацијата на мандат на пратеници во Собранието.

На дневен ред на седницата се Предлог одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка, предложен од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во образложението за предложените измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа е наведено дека целта е реорганизација на министерствата и органите на државната управа, на начин што ќе овозможи нивно правилно функционирање, непоклопување на надлежностите и соодветна линија на отчетност врз основа на претходно дефинирани показатели на успешност на работа на институциите.

-Реорганизацијата на министерствата и другите органи на државната управа се врши со цел прилагодување на нивната работа на современите потреби на функционирањето на органите на државната управа, особено во смисла на поставување на поголем фокус на работите во областите на енергетиката, минералните суровини, рударството, како и на спортот. Во смисла на надлежностите, министерствата добиваат појасни надлежности, се разграничуваат испреплетените надлежности помеѓу постојните министерства и се овозможува простор да рамковното регулирање на органите на државната управа биде точно утврдено со материјални закони, се посочува во образложението.

Новиот кабинет треба да брои 23 министри. Со Законот дел од министерствата ќе се реорганизираат, а ќе се формираат и нови. Министерство за економија ќе стане Министерство за економија и труд. Сегашното Министерство за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Нови ќе бидат Министерството за спорт, како и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Туризмот оди под капата на Министерството за култура. Новина е и Министерството за дигитализација, а ќе има и ново Министерство за администрација.

Слични содржини