Во периодот од 26.04-04.06.2024, Одделот за епидемиологија на заразни болести при ЈЗУ ИЈЗ на РСМ, регистрира три лабораториски потврдени случаи на Конго-Кримска хеморагична треска. Сите три случаи биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, информираат денеска од ИЈЗ.
Првиот регистриран случај е лабораториски потврден на 26.04.2024 година. Се работи за 57-годишно лице од с. Градец, општина Крива Паланка. Во однос на професијата, се работи за сточар кој одгледува крави во с. Градец. Во однос на експозицијата, пријавува присуство на крлежи кај добитокот и каснување од крлеж на долните екстремитети, 7 дена пред почетокот на симптомите. Заболениот живее сам, а пребарувањето на контакти беше спроведено во с. Градец и здравствените установи кои ги посетил по почетокот на симптомите. Беа идентификувани и класифицирани со среден ризик 7 блиски контакти кои беа ставени под здравствен надзор од 14 дена. Ниту еден од контактите не разви болест.
Вториот регистриран случај е лабораториски потврден на 30.04.2024 година. Се работи за 29-годишно лице од с. Орланци, општина Арачиново. Во однос на професијата, се работи за електричар кој работи во приватна фирма. Во однос на експозицијата, негира каснување од крлеж, контакт со животни и патување во странство. Заболениот живее во семејна куќа, во 5-члено семејство, а пребарувањето на контакти беше спроведено во с. Орланци и здравствените установи кои ги посетил. Не се идентификувани и класифицирани блиски контакти кои би биле ставени под здравствен надзор од 14 дена.
Третиот регистриран случај е лабораториски потврден на 04.06.2024 година. Се работи за 68-годишно лице од Делчево, кој често престојувал во с. Полето, Делчевско. Се работи за пензионер кој во однос на експозицијата, дава податок за каснување од крлеж на долните екстремитети во с. Полето (изваден во домашни услови). Заболениот живее во куќа, во 3-члено семејство, а пребарувањето на контакти беше спроведено во семејството и здравствени установи. Беа идентификувани и класифицирани со висок и среден ризик 2 блиски контакти, ставени под здравствен надзор од 14 дена.
Од ИЈЗ појаснуваат дека симптомите кај првиот регистриран случај започнале на 22.04.2024 година. Кај пациентот е регистрирана појава на епистакса, малаксаност, замор, повраќање и кашести столици. На 26.04.2024, после добиена серологија за CCHF IgM и позитивни PCR за CCHF вирус од крв и урина, пациентот со возило за ИМП со комплетна заштитна опрема е трансфериран во КИБФС за натамошен третман. Пациентот негира присуство на коморбидитети. Испишан е од КИБФС на 04.05.2024 во подобрена општа состојба.
-Првичните симптоми кај второто заболено лице започнале на 24.04.2024 со фебрилност (39°С), болка во мускули, малаксаност, повраќање и пролив. Бидејќи немало подобрување и се појавила хематурија, бил хоспитализиран во КИБФС каде е ординирана соодветна терапија и дијагностички иследувања. На 30.04.2024 година, направени се серолошки анализи. Од добиените резултати – ССНF IgM и пациентот е задржан на болничко лекување. Пациентот негира присуство на коморбидитети. Заболениот е испишан од КИБФС на 13.05.2024 година во подобрена општа состојба.
Првичните симптоми кај второто заболено лице започнале на 26.05.2024 со тресење, главоболка, болка во мускули, малаксаност и замор. Бидејќи се појавило крварење во столицата и хематурија, пациентот на ден 03.06.2024 бил препратен во КБ Штип, а од таму на КИФБС во Скопје, каде биле направени потребните дијагностички испитувања и каде е ординирана соодветна терапија. На 04.06.2024 година, направени се серолошки и PCR анализи. Од добиените резултати – ССНF IgM + и позитивен PCR резултат за ККХТ и пациентот е задржан на болничко лекување, стои во соопштението на ИЈЗ.