Епилог од европските избори: „Свртувањето кон десно е неповолно за проширувањето и Македонија“

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Бурна ноќ во Брисел по изборите за новиот состав на Европарламентот. Се случи „политички земјотрес“ во бројни земји-членки на Европската унија, бидејќи победија партиите од десничарскиот спектар, што доведе дури и до распишување предвремени парламентарни избори во Франција. И покрај зајакнувањето на десницата, Европската народна партија (ЕПП), предводена на изборите од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, останува најсилната фракција во новиот состав на Европскиот парламент со 189 пратенички места. Екстремно десничарскиот спектар влегува во ЕП значително зајакнат, бидејќи европските конзервативци и реформисти освоија 72 мандати, а „Идентитет и демократија“ 58. Доколку се обединат, овие две опции би можеле да бидат силна фракција, која би имала само три пратеници помалку од второпласираната. Ваквиот развој на настаните ја поставува и дилемата какво значење би имало за Македонија и дали, со оглед на реториката на десницата, можеме да се соочиме со поголеми бариери на патот кон ЕУ?

„Европа свртува надесно“

Дел од експертите сметаат дека свртувањето кон десно е секако неповолно за проширувањето, а со тоа и за нас. Според поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експертка на полето на евроинтеграциите, Малинка Ристевска-Јорданова, веројатно е дека и онака забавениот и расплинат процес на проширување нема да биде приоритет.

Малинка Ристевска-Јорданова

Посочува дека централната десница го има истиот тренд на раст уште од деведесеттите, со мал исклучок на минатите избори.

-Кај социјалдемократите трендот е обратен, со тоа што на последниве избори губат процентуално помалку места во споредба со минатите избори. Најмногу на овие избори изгубија либералите и зелените. Политичкиот „земјотрес“, кој беше предвиден, е големиот подем на крајната десница. Аналитичарите идентификуваат повеќекратни причини за таквиот раст – економски (кризи итн.), глобални фактори, имиграција,  корупција, пораст на популизмот итн, посочува Ристевска-Јорданова.

Напоменува дека десниот центар (Европската народна партија), социјалдемократите и либералите се досегашната „голема коалиција“ во Европскиот парламент. Токму прашањето за соработка со крајната десница е едно од горливите прашања за новиот Европски парламент.

За развојот на настаните во Франција и распишаните предвремени парламентарни избори, соговорничката оценува дека како почеток на крајот го оквалификуваа политичките противници на францускиот претседател Еманиел Макрон, односно победниците на овие избори во Франција.

-Меѓутоа, овој чекор е ризичен, но е истовремено и обид за спас од сегашнава ситуација, заклучува експертката на полето на евроинтеграции.

Од друга страна, Димитар Николовски – извршен директор на ЕВРОТИНК оценува дека, од страна на европските институции, ние не би требало да се соочиме со нови бариери.

Димитар Николовски

-Новите Парламент и Комисија ќе продолжат со поддршката за проширување. Но доколку Ле Пен дојде на власт во 2027 година во Франција, тоа може да значи отежнување за нас и сите земји кандидатки, објаснува Николовски во разговор за „Локално“.

Смета дека вчерашните резултати се дефинитивен показател дека Европа генерално се движи кон десно.

-Не би рекол дека е земјотрес за целата ЕУ, поради фактот што сепак мејнстрим партиите го имаат мнозинството во Парламентот, што значи дека генералната ориентација на Европската Унија нема да се промени. Сепак, популарноста на десницата е одговор на повеќегодишните кризи со кои се соочува Европската Унија, како миграциската, ковидот, Украина. Доколу продолжи овој тренд, очекувам на следните избори ситуацијата да биде многу покомпликувана и крајнодесничарските партии да имаат поголемо влијание, тврди Николовски.

За состојбата во Франција, соговорникот вели дека анкетите покажуваат поголема популарност на Националниот собир од опцијата на Макроншто се покажа и на европските избори.

-Идниот парламент ќе биде доминиран од Националниот собир, што ќе направи една тешка ситуација на кохабитација со Макрон. Претседателските избори се закажани за 2027 година. Има доста време до тогаш, и не е невозможно повторно да биде направен санитарен кордон каде би се обединиле сите умерени гласачи против Ле Пен. Оваа опција во голема мера зависи од тоа како ќе се покаже новиот парламент, истакнува Николовски во разговорот.

Покрај Макрон, и германскиот канцелар Олаф Шолц доживеа дебакл. Макрон го распушти парламентот и распиша предвремени парламентарни избори во земјата откако претрпе пораз од екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен.

„Ова е сериозна и тешка одлука, но пред сè е чин на доверба. Доверба во вас, во способноста на францускиот народ да го направи праведниот избор за себе и за идните генерации“, изјави претседателот на Франција.

„Бидејќи резултатот го принуди Макрон да се врати на гласачките места, го повикувам францускиот народ да дојде и да ни се придружи да го собереме мнозинството во служба на единствената кауза што не води-Франција“, изјави Марин Ле Пен, претседателка на десничарската Национална партија.

Во новиот пратенички мандат во 720-члениот парламент, социјалдемократите освоија 133 места, либералите 82, конзервативците 70, Идентитет и демократија 60, а зелените 53 места.

Н.П.

Слични содржини