Напаѓачот на РБ Лајпциг, Бењамин Шешко, кој беше трансфер цел на голем број европски гиганти, меѓу кои Арсенал, Манчестер Јунајтед и Челси, официјално потпиша нов договор со својот сегашен клуб. Договорот е до јуни 2029 година.
Според трансфер експертот Фабрицио Романо, кој вчера ја пренесе информацијата за новиот договор, меѓу Словенецот и РБ Лајпциг постои џентлменски договор за евентуален трансфер во 2025 или 2026 година. Истиот извор тврди дека плановите на Шешко за во иднина се поврзани со Премиер лигата.
„Тим, клуб, град, навивачи – целата комбинација е едноставно неверојатна за мене. Логичен следен чекор беше продолжување на мојот договор“, изјави Шешко.
Претходниот договор на 21-годишниот Словенец беше до 2028 година, па продолжувањето е само 12 месеци. Во својата дебитантска сезона во РБ Лајпциг, тој постигна 18 гола и направи две асистенции на вкупно 42 натпревари во сите натпреварувања.