Левица: Гаши ни одби амандман оти ја немало придавката „северна“

од Nikola Popovski
3,2K прегледи

Левица обвинува дека новиот претседател на Собранието, Африм Гаши одбил амандман затоа што во него го немало уставното име на државата.

-Новиот претседател на Собранието на Република Македонија, избран со гласовите од пратениците на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН – Африм Гаши, одби амандман од пратеник на Левица со образложение дека е неуреден, затоа што во него не пишува „Северна“. Амандманот се однесуваше на измените во ЗОРОДУ, поднесени од страна на Христијан Мицкоски. Претходно постоеше пракса во која пратениците на Левица заедно со пратениците на ДПМНЕ при поднесувањето на амандмани го избегнуваа наметнатото име „Северна“, сè додека, тогашниот спикер – Џафери не почна противделовнички да ги фрла амандманите во корпа. Тогаш ДПМНЕ најави дека од позиција на власт, документите во Собранието ќе бидат прифатени со името Република Македонија, но тоа не се случи, порачаа од Левица.

Од партијата потсетуваат дека понудиле бланко поддршка на ВМРО-ДПМНЕ при изборот на претседателот на Собранието, токму поради вакви причини, каде, како што велат, ќе можат да се заштитат интересите на Македонија.

-ДПМНЕ ја одби можноста со гласовите од Левица да избере собраниски спикер кој во собраниските процедури ќе го почитува името на државата и одлучи т.н. „Тиранска платформа“ да ја замени со ,,Косовска платформа“ и продолжување на процесот за севернизација на Македонија, избирајќи спикер којшто има балистички убедувања, стои во партиското соопштение.

Слични содржини