На една од своите последни прес-конференции како шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи истакна дека Преспанскиот договор е јасен во однос на „ерга омнес“ употребата на името на државата и всушност тој е спореден во однос на уставната обврска.
-Уставното име на државата е Република Северна Македонија и секоја употреба на друго име е надвор од Уставот и ирелевантно е дали е во однос на Преспанскиот договор. сум кажал во неколку наврати – и Мицотакис беше против договорот, но кога стана премиер, рече: „Јас бев против, се уште сум, но тоа е меѓународна обврска, дел од уставниот поредок и морам да го почитувам“, со што ја затвори таа тема со една реченица. Еве бесплатен совет до Владата: Moже да сте биле против, може да сте против, но тоа е реалност и дел од нашиот Устав и мора да се почитува, кажа Османи, одговарајќи на новинарски прашања.
Смета дека нема простор за различни интерпретации на Договорот со Грција. Во однос на придавката „северна“, Османи вели дека согласно Договорот, придавката „македонски“ може да се користи само во етнички контекст, а не во државен.
-Се што е македонски се однесува на македонската етничка заедница. Оттука треба да се почитуваат одредбите оти отвораат нови прашања. Исто е и по однос на името на државата. Ако имаат начин да ја сменат реалност, нека повелат, но дотогаш Уставот мора да се почитува, дециден е шефот на македонската дипломатија во заминување.
Министерот информира и дека заменик-министерката за надворешни работи на Грција ќе биде шеф на делегацијата на Годишниот состанок на Советот за Регионална соработка (РCC) што во наредните два дена се одржува во Скопје.