Нови препирки на релација Лога-Мицкоски. Идниот премиер денеска повторно ја најави борбата против криминалот и корупцијата и порача дека реформата во правосудството ја поддржаа половина милион граѓани. Сепак, тој посочи дека во процесот нема да влезе без да ги слушне мислењата на експертите. Мицкоски не смета дека Брисел и Вашингтон ќе се противат на таквиот чекор, а му забележа на министерот за правда дека не успеал да ја подигне довербата во правосудството.
-Господинот Кренар Лога имаше можност во својот мандат наместо да има судството доверба кај граѓаните 2,3,5 % да направи реформи и таа доверба да ја зголеми, за жал ја пропушти. Сега ќе дојде некој друг на негово место кој што се надевам дека ќе успее барем двоцифрена да ја направи, и тоа многу двоцифрена. За жал тој одлучи наместо да работи за граѓаните, плодна почва од каде што ќе се изнајдат кадрите во обвинителството посебно и судство да биде Зајас, мислам дека лоша локација на google maps нашол, требало да најде поинаква, а тоа е во канцеларијата на министерот за правда, со експертите да работи и да соработува, изјави Мицкоски.
Набрзо се огласи и самиот Лога.
-Среќата за да бидете премиер уште од 2020 ви беше меѓу Зајас и Мала Речица, понекогаш и седиштето ви беше таму, односно како замрзнат имот пред суд. Можеби и бевте во право, но тогаш судбината, според Вашите луѓе, висеше во тие координации, реагира министерот за правда.
-Јас сум одговорен за Министерството за правда од 01.03.2023 и мојата одговорност е ограничена поради фактот што сите тие кадри со кои Вие спинувате, се вработени како дел од Вашето владеење од 2006-2017, некои од тефтерчето на Горде, некои од „сваровски“ судството кои Вие повеќе од една деценија си го изградивте. И за крај, судскиот систем уште не може да стане на нозе поради фактот на човекот на кој Вие му бевте генерален секретар, односно човекот кој Ве избра за да бидете претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И милијардата евра од него ќе ви дојде, и првата официјална посета ќе биде од страна на неговиот чувар, додаде Лога.
Министерот смета дека ЕУ и САД нема да се согласат со распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, нешто што го најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за правда веќе претстави законски измени за Судскиот совет, со коишто треба да се спроведат препораките на Оценската мисија на ЕУ. За 17 препораки, од оценската мисија, кои се однесуваат на подобрување на праксата и работењето на самиот совет, без никакви законски измени, членовите на Судскиот совет веќе направија измени на Дeловникот за работа, како и на правилникот за рангирање на кандидати за избор на судија во повисок суд, а усвоија и нова комуникациска стратегија за поголема транспарентност.