Маричиќ: Не е коректно и ништо не ја чинеше Грција да промени неколку табли или да ги ратификува меморандумите

од Nikola Popovski
4,1K прегледи

Грција нема да остави простор за креативни толкувања и итроштини дека ние сите ќе ги надмудриме. Тоа нема да биде толерирано и не треба да биде. Мораме да се поставиме одговорно кон овие работи, смета вицепремиерот во заминување, Бојан Маричиќ околу толкувањето и спроведувањето на Договорот од Преспа со кој се реши долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција.

Според членот на СДСМ, во позиција на официјални лица, сме должни да го употребуваме уставното име.

-Не се работи за техничка промена на табла или некој симбол. Тоа е суштината на Преспанскиот договор. Сепак, правото на самоопределување на Македонците не е доведено во прашање.

Сигурно ќе најдеме десетина работи каде и ние и Грција не ги почитуваме одредбите од Договорот. Не е коректно и ништо не ја чинеше Грција да промени неколку табли или да ги ратификува меморандумите, оценува Маричиќ во гостувањето на емисијата „Дејли клик“.

Маричиќ е дециден дека главниот спор е решен.

-Јас би сугерирал да се прочита добро (Договорот) и да се воспостави комуникација со грчката страна за да не дојде до ескалација на односите. Ние сме виделе и сме препознале интерес за Македонија да си го најде своето место во НАТО и да си го најде мирот и пријателство со својот најстар сосед. Треба да се потруди новата Влада и новите министер за надворешни работи и вицепремиер за европски прашања да поработат на ова поле – не е прашање за потценување. Пластично кажано, ако новата Влада почне и продолжи да не го користи уставното име и од тоа успее да направи тема на секој меѓународен настан, може многу земји да се солидаризираат со Грција и да дојде до блокада, која нема да биде од наш интерес. Да не дозволиме работите да отидат во таа насока. Новата влада треба да стапи во комуникација со грчката влада и да разговараат за сите прашања, истакнува вицепремиерот во заминување.

Слични содржини