Треба да ја преземете одговорноста и да се однесувате како власт. Кадрите на Груевски ќе ги продолжат неговите политики, вака пратеничката и една од кандидатите за нов лидер на СДСМ, Славјанка Петровска ја коментираше програмата на новата Влада 2024-2028.
Според неа, лагите на ВМРО-ДПМНЕ се „само за да дојдат на власт“.
-Составот на Владата го отсликува малиот број на министерки. За вас, жените се за по дома и тие се тука само за во опозиција да бидат гласни, но не сметате дека можат да водат министерства. Контрадикторна е програмата, потенцира пратеничката.
Петровска упати и директна порака до идниот премиер Христијан Мицкоски.
-Земете ми го мандатот, но Северна не изговарам. Ја пеевте Заветна, а сега немало смисла да ги прекршувате законите. Лесно е – променете го Уставот. Во вашата Програма нема ништо околу ревизија на Преспанскиот договор, кажа меѓу другото довчерашната министерка за одбрана.
За кадровскиот состав, додава Петровска, за некои од кандидатите имам високо мислење и мислам ќе дадат се од себе, но кога збобрувате за стратешки интереси, „не може кандидат за министер да ви биде следбеник на режимот на Путин“.
-Пред да подадете рака, договерете се во партијата и во коалицијата – дали ќе го има балансерот, дали ќе има Бугари во Устав, дали ќе ја има функцијата прв вицепремиер и дали ќе го вратите името или ќе изговарате „Северна“, праша кандидатката за претседателка на СДСМ.
Собраниската седница ја следат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претставници на дипломатскиот кор.
Владата ќе биде избрана ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број на пратеници. Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега, а ќе брои 24 членови.