Дачиќ: Повиците „Убиј го Србинот“ се општа омраза во Хрватска и Албанија кон Србите

од Nikola Popovski
396 прегледи

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска изјавил дека скандирањето „Убиј го Србинот“, кое можеше да се слушне за време на натпреварот Хрватска-Албанија на Европското фудбалско првенство во Германија, „е прашање на општа омраза кон Србите што постои во тие земји“, пишува „Euronews Serbia“.

Тој додал дека за време на натпреварот имало скандирања и против претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Каква врска има тој со тоа? Хрватска и Албанија играат, а тие скандираат „убиј го Србинот“ и против Вучиќ. Затоа, гледате дека ги обединува омразата кон Србија, омразата кон Србите и омразата кон Вучиќ“, рекол Дачиќ, пренесува Танјуг.

Тој посочил дека УЕФА треба да го казни ваквото однесување.

„УЕФА треба да го казни тоа. Не можам да замислам дека некој од нашите луѓе може да скандира такво нешто во однос на друга нација“, рекол српскиот министер.

Дачиќ изјавил дека на Европското првенство во Германија има околу 20 српски полицајци кои се во постојан контакт со германската полиција, Фудбалскиот сојуз на Србија и репрезентацијата и нагласил дека засега нема поголеми проблеми кога доаѓа до безбедноста.

„Ние сме во редовен контакт со нив. Тие имаат обврска да го информираат нашиот штаб секој ден, а во контакт сме и со германската полиција. Неколку наши луѓе беа приведени по инцидентите, бидејќи имаат навика да ги задржат на неколку часа до крајот на натпреварот“, рекол Дачиќ.

Слични содржини