Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски од собраниската говорница ги покани турските партии да станат дел од Владата, нудејќи им заменик-министерско место.
Ова „фрлање ракавица“, како што истакна Мицевски, следуваше откако претходно, Бејџан Илјаз од коалицијата Европски фронт изрази загриженост дека во новиот владин состав нема ниту еден претставник од труската заедница.
-Ве поканувам да влезете во владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и во ова парламентарно мнозинство, за сите заедно да можеме да работиме на подобрување на состојбите во државата. Во моментот можеме да понудиме едно заменик-министерско место. Повелете, влезете во владата и заедно да работиме на предизвиците за кои зборувавте сега, истакна Мицевски, додавајќи дека Демократската партија на Турците сама избрала да биде дел од коалицијата Европскиот фронт.
Илјаз се заблагодари за поканата и повтори дека одлуката да бидат дел од Европскиот фронт е партиска.
-Добро знаете дека предизборно имавме разговори со сите партии и притоа се водевме од принципите и дадените укажаувања на нашите партиски органи. Затоа сме дел од Европскиот фронт. Загриженоста е што не само во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, туку и во поранешните влади, особено изминатите осум години, немавме претставник во владата, потенцира Илјаз.
Во Собранието продолжи седницата на која се расправа по предлог програмата и составот на новиот владин кабинет предводен од мандатарот Христијан Мицкоски. За денеска останаа 59-мина пријавени за збор пратеници, дел од нив веќе ги искажаа своите ставови за новата влада.