Поранешниот специјален посредник на Обединетите нации во решавањето на спорот за името, Метју Нимиц оценува дека уставното име Република Северна Македонија е „убаво и чесно признаено во целиот свет“ и дека „новата власт во земјата треба да е горда“. Според него, владеачката ВМРО-ДПМНЕ се доведе во тешка позиција и треба да излезе од неа.
Според Нимиц, 80 проценти од енергијата, новата влада треба да ја потроши на внатрешни реформи, а останатите 20 на отворените прашања со Бугарија и Грција.
-Употребата на уставното име во писмена форма, но не и во усна, ќе предизвика континуирани проблеми и конфузија. Што ќе се случи ако треба да напишат една изјава употребувајќи „Северна Македонија“ и во продолжение да треба да ја прочитаат на глас? Оваа политика не е одржлива долгорочно и нема да им дозволи да ја играат соодветната улога во светската заедница, кажал Нимиц во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.
Истакнал дека врз основа на оваа филозофија за справување со реалноста, „раководството на Северна Македонија треба да признае дека „Република Северна Македонија“ е името на државата, дека тоа е убаво и чесно признаено во целиот свет, во ОН, НАТО и ЕУ и е име за кое треба да се горди“.
Во интервјуто за „Катимерини“, медијаторот коментира дека неговиот впечаток е дека ниту едно од раководствата во двете земји не е целосно ентузијастично и дека и двете се фокусираат на она што веруваат дека го отстапиле, а не на она што го добиле од решението на спорот.
Нимиц кој скоро 2 децении од кариерата ја посвети на решение за спорот со името меѓу Македонија и Грција, пред шест дена во Атина доби награда за мир за Договорот од Преспа. Му ја доделија екс премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас и порача дека компромиот бил многу тежок, но и дека уште потежок е предизвикот, тој компромис да биде прифатен од идните генерации на политичари.