Како што соопштиле тамошните метеоролози од РХМЗ, Србија се уште е под удар на влажен бран кој носи невреме, грмежи и град. Во моментов, врнежи со грмежи има на крајниот југоисток, југозапад и запад од Србија. Мошне силно невреме со грмотевици го зафатило поширокото подрачје на Босилеград, носејќи град и многу обилни врнежи.
Невремето со грмежи зафатило и делови од Пештер, а врнежи со грмежи има и во поширокото подрачје на Ужице.
Во попладневните часови силно невреме пропратено со град ги зафатило областите на Тутин и Сјеница.
На подрачјето на Тутин паѓал град со големина на кајсија, додека темните облаци не ја заобиколиле ниту Сјеница, каде паднал град со големина на орев.
-Попладне и во другите региони на Србија се очекува засилен развој на облачност со локални врнежи со грмежи кои веќе се присутни во јужните, југозападните, западните и југоисточните предели на Србија, а подоцна попладне и во навечер ќе има повеќе и во другите региони, информираат од РХМЗ.
Што се однесува за Македонија, УХМР најавува дека во текот на следната недела, претежно во попладневните часови, ќе има почеста појава на пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град.
Следните денови и понатаму ќе биде топло, но со постепено опаѓање на дневната температура.