Вулин му честиташе на Стоилковиќ: Никогаш не ги заборавајте луѓето од кои дојдовте и на кои сите ние им должиме сè

од Nikola Popovski
586 прегледи

Потпретседателот на Владата на Република Србија, Александар Вулин, упати срдечни честитки до претседателот на Демократската партија на Србите во Mакедонија, Иван Стоилковиќ, по повод неговото назначување на функцијата вицепремиер во македонската влада.

– Ви честитам на важната и одговорна функција. Посакувам да ја извршувате посветено и одговорно и за доброто на Северна Македонија и за доброто на Србите во Северна Македонија, но и во Србија. Никогаш не заборавајте на народот од кој дојдовте и на кои сите ние, вклучително и вие, им должиме сè. Вие сте првиот српски потпретседател на Владата на Северна Македонија и се надевам дека ова нема да биде единствениот успех по кој ќе бидете запаметени, се вели во честитката на вицепремиерот на Србија, Александар Вулин.

Предлогот Стоилковиќ да биде заменик претседател на владата и министер кој ќе раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците, предизвика размена на критики во опонентските блокови на партиите на Албанците. Против изборот на Стоилковиќ најгласни беа од ДУИ и од Европскиот фронт, обвинувајќи дека тој ресор, според етничката застапеност, треба да му припадне на Албанец, но и обвинија дека Стоилковиќ е личност со тесни врски со Владимир Путин и Александар Вучиќ.

Номинацијата на Стоилковиќ за вицепремиер и министер за односи меѓу заедницата ја искоментира и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер. Запрашана што мисли за министерот, амбасадорката неодамна одговори дека неговите изјави се шокантни и за осуда и најави дека САД одблизу ќе ја следат неговата работа.

Слични содржини