Стопанската комора: Биле барани и над 100.000 евра од фирми – лани власта била најголем подмитувач на бизнисот

од Nikola Popovski
236 прегледи

Централната власт минатата година била најголем подмитувач на бизнисот, алармира Стопанската комора. Според податоците, на компании им биле барани пари, од 1.000 до 10.000 евра, а на некои фирми преку 100.000 евра за полесно да се заврши некоја работа, покажуваат податоците од најновото истражување. Од оние што не прифатиле коруптивно барање, 48% рекле дека имале последици врз бизнисот.

-Според 78 отсто од компаниите коруптивното барање дошло од централната власт, а според 22 процента, од локалната власт. Најчестиот облик на корупција биле пари, подарок или услуга, а обидот за нудење мито бил во постапка на добивање дозвола или одобрение, при инспекциски надзор, царинска или тендерска постапка, даночна, судска, катастарска,… Две третини од компаниите се соочиле индиркетно со корупција, им било дадено до знаење дека нешто се очекува. Веројатно и јавниот сектор е внимателен. Но, од 51 одговор, 31 компанија рекла дека ништо не презела. Дел велат дури и „нормално е нешто да се даде“, а многу мал дел пријавиле кај претпоставениот во јавниот сектор. Според компаниите, нема пречки за да пријават корупција, меѓутоа некои не веруваат дека ќе има каков било ефект, а некои се плашат дека тоа ќе има последици врз нивното работење. Многу малку од оние што се соочиле со корупција, пријавиле, се бројат на прсти, рече потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.

Согласно анкетата, 30 проценти од компаниите сметаат дека ќе пропаднат ако не прифатат мито, 35 отсто велат дека прифаќањето би им помогнало, но и дека нема да пропаднат ако не прифатат, додека 30 проценти оценуваат дека нема никакво значење дали ќе прифатат мито или не.

За да се помогне во надминување на овој проблем, Стопанската комора ќе потпише меморандум за соработка со Антикорупциска и ќе реализира обуки за компании за етичко однесување.

Слични содржини