ВМРО-ДПМНЕ уште го повтори последниот извештај на ДЗР во однос на долгонајавуваното железничко поврзување со Бугарија. Како што велат од владеачката партија, 24 милиони за километар железница е најверојатно новиот рекорд во светот, обвинувајќи ја претходната влада на СДСМ и ДУИ.
-Имено 560 милиони евра е целата проекција за 23.4 километри железница од Крива Паланка до границата со Бугарија, која треба да дислоцира стотина куќи и која завршува во тунел кој не води никаде.
За цената по километар да стигне 24 милиони евра, се погрижила владата на СДС и ДУИ кои цената на проектот ја дигнале од 340 милиони евра на 560 милиони, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски, барајќи од Обвинителството да отвори истрага за пругата кон Бугарија.
Новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски вчера на прес-конференција подетално го објасни извештајот на ДЗР.
-Целата постапка се одвивала во предизборен и постизборен период. Јавноста треба да знае дека пругата треба да помине среде Крива Паланка и треба да се рушат десетици или можеби стотици куќи и да се иселува население и најбитното, завршува во тунел кој што нема крај. Затоа што според проектот и според законите, предвидено е поврзувањето да оди преку тунел, кој може да се изгради само до границата. Во услови кога Бугарија нема ниту проект за железничко поврзување со Македонија и воопшто е прашање дали би го проектирале на овој начин. Дали двата тунели ќе се поврзат? Што доколку на другата страна има вода или подземно езеро или било какви други пречки, праша Николоски на прес-конференција.
Пругата кон Бугарија е проект рекордер ветуван од сите политичари во нивните изборни програми. Со текот на годините премиери удираа камен темелници, ветуваа дека пругата станува реалност, се одвојуваа пари за тоа во секој државен Буџет, но потоа парите се пренаменуваа за други цели.
Коридор 8 е оската што треба да ги поврзе Албанија и Бугарија, преку Македонија. Доколку се комплетира железничката пруга, тоа ќе ги зголеми опциите на државите при транспорт на стоки, трговијата, а би влијаело и на бројот на туристи.
Пред три месеци, првиот човек на МЖ Инфраструктура, Зоран Трифуновски најави дека до 2030 година ќе биде готова пругата кон Бугарија, а финансиите во висина од 780 милиони евра се целосно заокружени.