Македонското и другите малцинства во Албанија најавуваат декларација и бараат нов попис

од Nikola Popovski
94 прегледи

Македонското и другите малцинства во Албанија ќе излезат со заедничка декларација за непризнавање на резултатите од пописот кај нашиот западен сосед и официјално ќе побараат спроведување на нова статистичка операција. Ова го најави претседателот на македонската партија МАЕИ, Васил Стерјовски.

Според Стерјовски, во декларацијата ќе бидат наведени цврсти докази дека истите се фалсификувани и чиста манипулација и истакна дека ќе ја достават до сите државни и меѓународни институции.

Партијата и другите македонски здруженија веќе се изјаснија дека не ги признаваат резултатите, а тоа го направија и здруженијата на Грците.

Се преполовил бројот на Македонци по ланскиот попис во Албанија. Според податоците на тамошниот Институт за статистика објавени денеска, како Македонци се изјасниле 2.281 или двојно помалку во споредба со пописот во 2011-та година кога биле евидентирани околу 5.500.

За првпат, во малцинствата се појавуваат и Бугари. Дури 0,3 отсто од попишаните или над 7.000 се изјасниле дека припаѓаат на бугарската етничка заедница.

И македонското Министерство за надворешни работи реагираше на резултатите од пописот кои како што велат, не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци. Најавија и средба за итни консултации со амбасадорот Марковски. Македонското Министерство за надворешни работи со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од пописот во Република Албанија во 2023-та година и остро реагира на употребата на терминот северно Македонци и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница, стои во реакцијата на МНР. По острата реакција на македонската дипломатија, Албанија ја исправи грешката со т. н Северномакедонци и го внесе правилниот термин – Македонци.

Слични содржини