Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, упати честитка до претседателот на САД, Џо Бајден.
-Ми претставува особена чест и големо задоволство, во име на македонските граѓани и во свое лично име, да Ви го честитам Денот на независноста, упатувајќи најискрени желби за просперитет и за сестран развој на Вашата држава и за благосостојба на пријателскиот американски народ, порачува претседателката.
Овој 4 Јули, додава Сиљановска Давкова, американските граѓани ја прославуваат 248-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност и ги слават принципите на слобода и на еднаквост, коишто се вградени во овој документ, што претставува инспирација за многу народи во светот.
-Стремежот на татковците на американската нација да формираат влада, којашто го застапува и ја црпи својата моќ од народот, е подеднакво валиден до денешен ден и за многу други народи и концепти на управување, вклучувајќи го и македонскиот. Споделувајќи и негувајќи ги овие вредности, ние сме горди на традиционалното пријателство со американскиот народ и сме посветени на неговото натамошно зацврстување, како и на унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес.
Како стабилен партнер и докажан сојузник на Соединетите Американски Држави во НАТО Алијансата, остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет со учество во заедничките активности во борбата против заканите врз стабилноста и мирот во Европа и во светот, додава Сиљановска Давкова.
Претседателката се заблагодари за поддршката од страна на Соединетите Американски Држави во спроведувањето на нашите реформски процеси, нагласувајќи дека ќе продолжиме посветено да работиме на нивната реализација.
-Нашата крајна цел е унапредување на благосостојбата на македонските граѓани, полноправно членство во ЕУ, а со тоа и подигнување на нашиот статус и зголемување на нашата сила како сојузник во НАТО. Повторувајќи ги моите срдечни честитки и надежта дека цврстите врски помеѓу нашите две земји и пријателски народи ќе продолжат да јакнат и во иднина, Ве молам, господине Претседателе, да ги примите изразите на моето највисоко почитување, стои во честитката на македонската претседателка.