Енди Мареј се прости од централниот терен на „Вимблдон“ откако претрпе пораз во двојки со својот брат Џејми. Браќата Мареј беа елиминирани во првото коло откако загубија со 6:7(6), 4:6 од Австралијците Ринки Хиџиката и Џон Пирс во меч кој траеше 90 минути.
По завршувањето на средбата, Енди Мареј беше испратен на крајно емотивен начин од публиката на „Ол Ингланд клуб“, која со аплауз го поздрави неговиот последен настап на „Вимблдон“. На теренот беше пуштено специјално видео со пофални зборови од Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Венус Вилијамс.
На теренот за последниот меч во двојки беа сопругата на Мареј, Ким Сирс, со двете постари ќерки Софија и Еди, неговата мајка Џуди и таткото Вили, легендите Мартина Навратилова, Џон Мекинро и Кончита Мартинез, неговите големи ривали Новак Ѓоковиќ и Тим Хенман, Ден Еванс, Камерон Нори, Џек Дрејпер, Лејтон Хјуит, Ига Швионтек и Холгер Руни, кои го означија крајот на овој дел од славната кариера на Британецот.
Not a dry eye on Centre Court.
They love you, @andy_murray 💚 pic.twitter.com/dgas9hPEHx
— Wimbledon (@Wimbledon) July 4, 2024
Енди Мареј по мечот им се препушти на емоциите и се расплака среде громогласниот аплауз од публиката.
„Тешко е затоа што сакам да продолжам да играм, но не можам. Физички веќе е премногу тешко. Повредите се натрупаа и не се безначајни. Посакувам да можам да играм засекогаш како што го сакам овој спорт. Ми даде толку многу и ме научи на еден куп лекции кои ќе ги користам до крајот на животот. Многу ми е многу тешко бидејќи не сакам да престанам“, низ солзи изјави двократниот шампион на Вимблдон.
A wave for the adoring Centre Court crowd and a warm hug for brother Jamie 💚💜#Wimbledon pic.twitter.com/ZkdRlMGJ5A
— Wimbledon (@Wimbledon) July 4, 2024
„За мене беше многу специјално да го одиграм овој натпревар со Џејми. Никогаш претходно не сме го направиле тоа на Вимблдон, но овој пат едноставно се дојде на свое место. Неговиот вообичаен соиграч реши да игра со Нил Скупски и ме праша дали сакам да му бидам партнер. Не ми беше лесно физички, но мило ми е што го направивме тоа“, додаде тој.
Енди Мареј има уште еден предизвик во Лондон бидејќи ќе се натпреварува на турнирот во мешани двојки заедно со Ема Радукану.
„Ќе се обидам да се забавувам што е можно повеќе во мешани двојки за неколку дена. Ќе биде забавно сигурно. Потоа планирам краток семеен одмор, па Олимпијада и завршив“, додаде Мареј.