На денешната 9. седница, во Парламентот беше избрана Марина Димовска за нова генерална секретарка на Собранието. Димовска е дипломиран политиколог и магистер на економски науки од областа на меѓународна економија.
Таа работи во Собранието од 2009 година. Димовска е членка на ВМРО-ДПМНЕ.
За заменик-генерален секретар на Собранието е избран Никола Ѓошевски, кој е дипломиран правник и магистер по корпоративното право.
На седницата треба да се расправа по Предлог на одлука за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), како и на Делегација во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС ОБСЕ).
Пратениците треба да ги разгледаат предлог одлуките за утврдување на составот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Интерпарламентарната унија (ИПУ), за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација (ПС НАТО), како и за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Медитеранот (ПС на Медитеранот).
На седницата ќе се расправа и по годишните извештаи за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2023 година, на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за 2023 година, за работата на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија за 2023 година, за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад на Република Северна Македонија во 2023 година, за работа на Фондот за здравствено осигурување за 2023 година, како и за работата на Агенцијата за администрација за 2023 година.
Според најавата, пратениците ќе ги разгледаат и Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права 2023 година и Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2023 година.