Владината делегација разговарала со Обединетата македонска дијаспора за лобирање за македонските интереси

од Nikola Popovski
77 прегледи

Македонската владина делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, се сретнала со претставници на македонската дијаспора во САД. Како што е објавено, пред почетокот на самитот на НАТО, премиерот посветил внимание за позициите и прашањата на нашата дијаспора.

-Имав одлична средба со Мето Коловски и Обединетата македонска дијаспора со кои разговаравме за поддршка и лобирање за македонските интереси, соопшти премиерот.

Пред патувањето за Вашингтон, Мицкоски посочи дека „би сакал од нив да слушнам што е она што тие го очекуваат од новата влада и нормално, што е она што новата влада ќе го понуди за да можат нашите исселеници да се вратат дома, во нивната татковина, таму да инвестираат и практично да ги избегнат сите оние пречки кои што беа изминатиот период со кои тие се соочуваа при своето доаѓање назад во својата татковина“.

Од вторник до четврток во Вашингтон се одржува Самитот на НАТО. Клучни теми-зајакнување на одбраната и на политиката за одвраќање, поддршка за Украина и глобалните партнерства на сојузот. Македонската делегација ја предводи Мицкоски, со кого се и министрите Муцунски, Мисајловски и Тошковски.

Постои можност за средба со грчкиот премиер Мицотакис, откако Атина го отвори прашањето за почитувањето на Преспанскиот договор.

Слични содржини