Алкантара реши да стави крај на кариерата

од Vladimir Zorba
54 прегледи

Тиаго Алкантара (33) повеќе нема да го гледаме на фудбалскиот терен. Одличниот шпански играч за врска реши да ја заврши кариерата на 33 години и повеќе да не се мачи со повредениот мускул.

По истекот на договорот со Ливерпул и по двегодишна борба со повредите на мускулот и колкот поради кои минатата сезона одигра само еден натпревар, шпанскиот играч за врска со префинета техника и маестрални асистенции реши да се посвети на некои нови предизвици во животот.

Еден од синовите на познатиот бразилски ас Мазињо, беше производ на „Ла Масија“. Тој ја избра Шпанија пред Бразил и од 2011 до 2021 година одигра 46 натпревари за „црвената фурија“ со два гола.

Тој беше дел од големиот тим на Барселона од 2009 до 2013 година и еден од милениците на Пеп Гвардиола. Во 2013 година се пресели во Баерн и играше за Баварците до 2020 година, кога ја прифати поканата на Јирген Клоп и го облече дресот на Ливерпул. По воведните две сезони, и ново финале во Лигата на шампионите, тој почна да има проблеми со мускулите, што го натера добро да размисли и да донесе дефинитивна одлука за завршување на кариерата.

Освои неколку трофеи, се што е можно со Барселона: четири Примера, Копа дел Реј, два шпански Суперкупа, Лигата на шампионите на УЕФА, Суперкупот на УЕФА, Светското клупско првенство на ФИФА. Во Баерн, тој беше дел од генерацијата која апсолутно владееше: седум титули во Бундеслигата, четири Купа на Германија, два германски Суперкупа, УЕФА Лигата на шампионите и Светското клупско првенство.

Со Ливерпул го освои ФА Купот и Комјунити Шилд, а го загуби финалето на Лигата на шампионите на УЕФА во Париз од Реал. Беше шампион на Европа со селекцијата на Шпанија до 17 години и двапати до 21 година.

Во кариерата одигра 488 официјални натпревари со 48 гола и над 100 асистенции.

Слични содржини