ВМРО-ДПМНЕ: За само две недели, две големи инвестиции – Филипче сигурно не е Чак Норис

од Nikola Popovski
56 прегледи

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија на претходните обвинувања на СДСМ околу новите инвестиции во државата. Велат дека ја разбираат „фрустрацијата на партијата на Венко Филипче кои се китат со перјата на новата влада“. Потенцираат дека за само две недели, реализирани се две големи инвестиции.

-Инвестицијата од 500 милиони долари на Алказар Енерџи во ветерен парк е најголема во регионот. И инвестицијата на германско белгиската компанија Епсотех Аим во Петровец од 20 милиони евра. Се потврди по којзнае кој пат и дека за СДСМ само ВМРО-ДПМНЕ може да донесе нови инвестиции во државата, што зборува за недостатокот на елементарна работливост од страна на СДС кои 7 години здружно крадеа со ДУИ, па затоа за нив посветеноста на оваа влада е недостижна цел на која ѝ придаваат супер моќи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на Христијан Мицкоски замеруваат и за „споредбите“ со холивудскиот актер, познат по своите човечки вештини, Чак Норис.

-Венко Филипче сигурно не е Чак Норис, но е лопов ископиран со индиго на Заев, 7 години на власт 0 инвестиции. Од друга страна додека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи СДСМ повторно прави очајнички обиди да го минимизира успехот на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека реалноста и напорната работа на ВМРО-ДПМНЕ ги надминуваат нивните способности. Но, ние ќе продолжиме да работиме напорно и да ги постигнуваме нашите цели, без оглед на саркастичните и несериозни коментари од СДСМ, партијата која ја урниса државата претворајќи ја во срамна филијала на белосветскиот и домашниот криминал, стои во партиското соопштение.

Ваквата реакција следува откако СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека „по секоја цена сакаат да покажат резултат и не бираат средства за да ги насамарат граѓаните“. Според партијата, потценување на интелигенцијата е дека само за два дена Мицкоски поканил, привлекол и договорил било кој нов инвеститор. Како што велат од СДСМ, „ова веројатно го можат само Мицкоски и Чак Норис“.

Во петокот беше најавено дека нова инвестиција вредна 20 милиони евра доаѓа во Македонија. Германската компанија „Епсотех“, која во партнерство со белгиската „Аим“ ќе произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија и ќе вработат 110 лица. Мицкоски имаше средба со менаџментот на германско-белгискиот конзорциум.

Екс-вицепремиерот за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи искажа „благодарност до ВМРО ДПМНЕ што ги потврдуваат и продолжуваат планираните инвестиции“, кои, како што потенцира, неговиот сега веќе поранешен кабинет професионално и прецизно ги сработил во изминатиот период. Порача дека е потребна работа, а не ПР за земјава да го доживее прогресот што го заслужува.

Во вчерашното свое обраќање пред патувањето на НАТО Самитот во Вашингтон, премиерот најави уште една нова странска инвестиција на компанија која што, како што рече, е дел од листата на најголемите 500-тини компании во САД, како и нови десетици милиони евра инвестиција и нови работни места за македонските граѓани.

Слични содржини