Возачот на автобусот што удри во жардиниера тврди дека воланот се блокирал, директорот на ЈСП го чека извештајот на МВР

од Nikola Popovski
167 прегледи

Причината поради која автобусот на ЈСП со број „2“ вчера заврши во средишните жардинери пред ТЦ „Мавровка“ е поради воланот кој се закочил, односно блокирал. Ова денеска го изјавил возачот на автобусот, Ферзи Арифи на прес-конференцијата на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) пред Управната зграда на ЈСП. Возачот на автобусот исто така рече дека забележал оти автобусот не е исправен.

Од Конфедерацијата на синдикални организации, тврдат дека раководството на ЈСП е виновно за инцидентот на автобусот кај „Мавровка“ бидејќи не ги сервисира автобусите и на тој начин ги доведува во опасност вработените.

-Имаме сознанија дека истиот овој автобус којшто вчера удри во жардињера на булеварот во близина на Мавровка, пред извесен период го користеле на линија до Водно. Замислете доколку такво нешто се случело тогаш, затоа што се работи за технички проблем на автобусот, додека шоферот максимално направил што можел, рече претседателот на КСОМ, Марјан Ристески.

За новиот директор на ЈСП Драги Кушовски, овие изјави се „паушални“ и смета дека треба да се почека официјалниот извештај на МВР.

-Вие немате официјален извештај од МВР кои се причините за сообраќајката, дека воланот откажал. Да оставиме на службите да утврдат зошто е настаната ситуацијата. Возилото има технички преглед и е редовно сервисирано, рече Кушовски.

На ваквите обвинувања од директорот, возачот Арифи почна да плаче и му рече дека тие постојано пријавуваат дефекти, но автобусите другиот ден пак се пуштаат во сообраќај и се даваат на други шофери.

Двокатен автобус на ЈСП – Скопје од засега неутврдени причини заврши врз заштитната ограда на жардинериите на булеварот пред ТЦ „Мaвровка“ во Скопје. Според информациите, еден патник и возачот, кој управувал со двокатниот автобус на ЈСП, биле пренесени во болница со полесни повреди, по што се пуштени на домашно лекување.

Слични содржини