Во текот на изминатото деноноќие евидентирани се 13 пожари на отворено, од кои една третина биле на повик за гаснење депонии, информираат од Центарот за управување со кризи.
Една третина од вчерашните пожари на отворено биле на повик за гаснење депонии или ѓубришта, а од нив вообичаено се шири огнот и на поголем простор во околината. Вообичаено тие диви депонии се до населби и освен што од нив може да се прошири пожарот, дополнително опожарените диви депонии и ѓубришта го загадуваат амбиенталниот воздух, особено во градовите каде што е веќе загаден воздухот. Такви примери имаме на повеќе места, а вчерашен пример, од сношти, е хроничниот проблем со палење на дивата депонија „Вардариште“ во скопската Општина Гази Баба, за што граѓаните коишто гравитираат во тој скопски реон, со право реагираат дека многу често се пали и освен што опасност за пожари во околината, дополнително го загадува и воздухот во скопската котлина.
Меѓу селата Отишино и Оризари активен е пожар каде што гори ниска вегетација. Пожарникарите од Велес вчера интервенирале со три противпожарни возила и 11 пожарникари, а утринава, според информациите на Центарот за управување со кризи, ќе продолжат да дејствуваат.
ЦУК, покрај тоа што редовно ги известува надлежните служби и институции, апелира до граѓаните да не палат отпадоци и ѓубре на ова топло време и сува вегетација во природата,се наведува во соопштението на ЦУК.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.