Вдовицата на Навални за Путин: „Не му е место во Хаг, туку во Русија, во иста ќелија во која го уби Алексеј“

од Vladimir Zorba
138 прегледи

Судот во Москва издаде налог за апсење на вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални под обвинение за екстремизам, објавија државните медиуми, а сега таа се огласи и на социјалната мрежа Х.

„Кога пишувате за ова, не заборавајте да го напишете главното: Владимир Путин е убиец и воен злосторник. Неговото место е во затвор, а не некаде во Хаг, во удобна ќелија со телевизор, туку во Русија во истата колонија и во иста ќелија од два на три метри во која го уби Алексеј“, објави Јулија Навални на социјалната мрежа Х, поранешен Твитер, по веста дека судот издал налог за нејзино апсење, пренесува Би-би-си.

Обвиненијата покренати против Јулија Навални, која живее надвор од Русија, во отсуство се однесуваат на нејзиното наводно „учество во екстремистичко општество“, пренесе агенцијата ТАСС.

Навални беше најважниот руски опозициски лидер во изминатата деценија. Тој почина во февруари во затворот на Арктичкиот круг. Руските власти соопштија дека тој починал од природна смрт, но неговата вдовица рече дека Навални бил „мачен“ и „изгладнуван, а подоцна и убиен“ од рускиот претседател Владимир Путин.

Навални одлежа 19 години под обвинение за екстремизам, кои се сметаа за политички мотивирани.

Московскиот суд одлучи дека Јулија, која вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг, треба да биде приведена. Одлуката значи дека ќе се соочи со апсење доколку стапне во Русија.

Обвиненијата би можеле да бидат поврзани со пресудата од јуни 2021 година на московскиот суд со која забрани три организации поврзани со Навални, нарекувајќи ги „екстремистички“.

Овој месец таа беше избрана за претседател на Фондацијата за човекови права со седиште во САД – непрофитна организација која работи на промовирање и заштита на човековите права ширум светот. Во таа прилика таа рече дека својата улога ќе ја искористи за да ја зајакне борбата што нејзиниот сопруг ја водеше против Путин.

Слични содржини